Почетоците за организиран воспитно-образовен процес во Негорци датираат од 1873 година кога било отворено првото пропагандно училиште со настава на грчки јазик.

Во 1908 г било отворено егзархиско училиште во кое наставата се изведувала на бугарски и македонски јазик. Во учебната 1910/11г месното население финансирало македонско црковно-општинско училиште во кое настава изведувал македонски учител.

Под влијание на српската политика и власт, во 1913г во Негорци било отворено српско училиште.

Во периодот од 1915-1918 г. Македонија е под бугарска власт но немало отворено училиште се до назначувањето на новата српска власт на Кралството на Србите, Хрватите и Словените кога во учебната 1918/19г. било отворено училиштето со настава на српски јазик.

Од година во година се зголемувал бројот на учениците, а наставата се изведувала во несоодветни услови. Во 1926 г. била изградена училишна зграда. Истата била реновирана по земјотресот во 1931г.

На 2 август 1944г. одржано е Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински кога македонскиот јазик е прогласен за службен јазик. Во октомври почнале да се организираат курсеви за народни учители. Таков курс се организирал и во селото Серменин.

Од 1 декември за прв пат официјално народните учители наставата почнале да ја изведуваат на македонски јазик, а учениците да учат на својот мајчин јазик.

За име и патрон на училиштето се зема името на учесникот во Народно ослободителната војна, Ристо Шуклев, роден на 25.10.1912 во Негорци а убиен на 4.1.1944, во близина на Гевгелија, кај месноста Мала Река. Во НОВ активно се вклучува во 1943г. со организирање и достава на храна и облека на партизаните а како вработен во државните служби, имал пристап до доверливи информации, корисни за борците од НОВ.

Првите народни учители во Негорци биле Иван Антонов, Димитар Попов а потоа и Ѓорге Козаров и Цветанка Јосифова. Иако со неоформено средно образование и едногодишна работа, овие учители дале голем придонес во описменувањето на младата популација и на возрасните. Во учебната 1944/45г. во Народното основно училиште „Ристо Шуклев“ во Негорци учители биле Асен Чалков, Анка Ичоќаева, а по нив Борис Попов, Александар Лазаров и Софија Камберова. Биле опфатени деца на возраст од 7 – 15 години во основно четиригодишно образование.

Од 1948г. основното образование од четиригодишно прераснува во седум-годишно образование со полагање мала матура.

Наставниот кадар во училиштето бил со неоформено учителско образование до учебната 1950/51г. Поголемиот број од нив посетувале учителски курсеви за време на летниот распуст. Меѓу првите учители од населеното место биле Слободан Мурџев, Илија Николов и Ванчо Баламов.

На ниво на држава во учебната 1952/53г. e воведен осумгодишниот образовен систем, а во училиштето во Негорци за прв пат е формирана паралелка во VIII одд во учебната 1957/58г.

Во учебната 1963/64г. училиштето прераснува во централно основно училиште со подрачни училишта во Серменин, Кованец и Прдејци, а во учебната 1965/66г. отворена е забавишна група за децата пред поаѓање на училиште. Прв учител во забавишната група била Савка Баламова.

Капацитетот на училишната зграда не ги задоволува потребите, па во 1971г. почнува да се гради нова училишна зграда. Истата е пуштена во употреба во учебната 1972/73г. Од 1976г. наставата се изведува во една смена, а во старата училишна зграда се користат простории за интернатско сместување на учениците од другите села. Од учебната 1985/86г. интернатот престанува да работи поради обезбеден бесплатен превоз за учениците.

Со развојот на општествено-економските услови се зголемува бројот на вработени родители и се јавува потреба од организирано згрижување на децата од предучилишна возраст. Во 1976г. изградена е Детска градинка која до 31.08.1992г. работи во состав на училиштето а потоа е превземена од КДУ„Детска радост“ од Гевгелија.

Подрачното училиште во Серменин престана да работи во 1980/81г. а подрачното училиште во Кованец во учебната 2000/01г. Во состав на ООУ„Ристо Шуклев“ останува да работи само подрачното училиште во Прдејци со две комбинирани паралелки.

Во 1982г. училишната библиотека се здружува со селската а во 1992/93г. целиот книжен фонд е префрлен во училиштето.

Освен редовната настава, во училиштето се реализираа и програми за возрасни, односно настава за вонредни ученици за стекнување основно образование.

По 50 години од воведувањето осумгодишно образование, во учебна 2007/08г. воведено е деветгодишно основно образование.

Во 2005 година подрачното училиште во с. Кованец е повторно отворено и реновирано со солидни услови за работа.